ВООПШТО НЕ БЕВ СВЕСНА ШТО ПРАВИ, ИЗЈАВИ БИВШАТА СОПРУГА НА ХАРВИ ВАЈНСТИН

Лондон, (Гардијан)

Модната дизајнерка Џорџина Чепмен првпат јавно зборуваше откако минатата есен изби големиот скандал со нејзиниот сега веќе бивш сопруг Харви Вајнстин, тврдејќи дека воопшто не била свесна за многубројните сексуални напади за кои тој се обвинува.

Таа се обидува да го поврати својот моден бренд „Маркеза“ и неодамна го оствари првиот голем успех од скандалот, кога Скарлет Јохансон носеше нејзина креација на Мет гала во Њујорк.

„Апсолутно не, никогаш“, одговори Чепмен во интервјуто за „Вог“ кога ја запрашаа дали некогаш се посомневала и додаде:

„Не сум од оние личности кои се опседнати со тоа каде е некој. Мислев дека она што го имам е многу среќен брак. Јас го сакав мојот живот“.

Четириесет и двегодишната Британка призна дека била „понижена и скршена“ кога се дозна за скандалот.

„Првиот ден кога дознав имав чувство како целиот воздух да ми е истиснат од белите дробови. Не можев да јадам и ослабнав неколку килограми. Во прв момент помислив дека не сум го заслужила тоа и морав да посетувам психијатар за да ми помогне да се справам со ситуацијата“, вели таа.

Чепмен и Вајнстин имаат две деца, од седум и пет години.

„Сфатив дека еден дел од мене бил ужасно наивен. Бев бесна, бев конфузна, но најмногу се плашев за моите деца и каков живот ќе имаат. Тие, сепак, го сакаат својот татко“, рече Чепмен.