МАРВЕЛ ГИ ПРЕТСТАВИ ПРВИТЕ КИНЕСКИ СУПЕРХЕРОИ

Пекинг, (Би-Би-Си)

Први кинески суперхерои и официјално му се придружија на универзумот на Марвел, како обид на компанијата да ја прошири својата база фанови на тамошниот огромен пазар.

Аеро и Лин Лие се двајца од неколкуте нови ликови кои дебитираа во стрипот оваа недела и за очекување е некои од нив да дојдат во контакт со легендарни суперхерои на Марвел, како Хулк и Ајрон Мен.

Лин Лие е главниот лик во еден од најновите броеви, „Воини на три суверенитети“. Тој е 18-годишно момче кое со помош на древен меч се бори против Чију, реинкарниран злосторник кој има намера да го уништи човештвото.

Лин Лие е 18-годишно момче кое со помош на древен меч го спасува човештвото (Фото: Марвел)

Во другиот стрип, насловен како „Циклон“, се појавува Аеро, архитектка која има способност да контролира воздушни струи и ноќе го спасува својот град од различни криминалци.

Марвел лани објави дека почнува соработка со „НетИз“, една од најголемите кинески компании за игри, со цел да создадат први кинески суперхерои.

„Тие ќе бидат базирани врз кинеските култура и митологија, но сместени во модерно време“, најави тогаш извршниот шеф на Марвел, Си Би Цебулски.