На 30 март од 20 часот во Центарот за култура во Битола ќе се игра првиот целосен македонски мјузикл посветен на музичката легенда Фреди Меркјури „Кралот Фреди“.
Од Oркестарот „Дива“ велат дека музичко-сценскиот спектакл во нивна продукција е спој на музика и глума со многу емоции. Учествуваат повеќе актери и музичари, а Меркјури го игра и пее Бојан Стојков.
„Ова не е само улога за мене. туку и голема одговорност. Фреди беше многу повеќе од пејач, не се обидувам да го копирам зашто е невозможно, се обидувам само да ја пренесам енергијата. Уште поголем предизвик е оркестрацијата. Песните ќе бидат изведени во оригинална интонација, што исто е голем предизвик“, рече Стојков на прес-концеренцијата.
Диригентот на „Дива“, Владимир Димовски, продуцент и оркестратор рече дека најголемиот предизвик бил да се пронајде лик кој ќе го игра и пее Фреди Меркјури.
„Важно беше да се пронајде уметник кој може да го испее зашто песните се претешки, но и да го долови сценски. Бојан е вистинскиот“, рече Димовски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА