МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ БЕСПЛАТНО ЌЕ МОЖАТ ДА СЕ ГЛЕДААТ ВО СИНЕПЛЕКС СЕКОЈ ПОНЕДЕЛНИК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Агенцијата за филм промовираше проект за доближување на домашната кинематографија до публиката под мотото „Македонски филм. На големо платно“. Проектот се реализира во соработка со Синеплекс и предвидува бесплатни проекции на македонски филмови секој понеделник од 18 часот. Влезот ќе биде бесплатен по принципот „прв дојден, прв услужен“, без претходна резервација на билети.

Програмата започнува на 6 април со „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски, кој одбележува 15 години од својата премиера, по што следуваат „Avec L’amour“ на Илија Цветковски (13 април), „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска (20 април) и „Хомо“ на Игор Иванов (27 април).

Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, вели дека со овој проект сакаат да го доближат македонскиот филм до публиката и да му дадат поголема видливост.

„Сакаме македонскиот филм да не се гледа само на фестивали, туку да биде достапен за сите и да стане дел од секојдневието. Со оваа соработка го враќаме филмот таму каде што најмногу му прилега – на големото платно“, изјави Мицевски.