ЈА НАПИШАВ „ДУШО МОЈА“ ПРЕД 15 ГОДИНИ И ЧЕКАВ ВИСТИНСКО ВРЕМЕ ЗА ДА ЈА ИСПЕАМ, ВЕЛИ КАНАТАВТОРОТ ОД КОЧАНИ НЕНАД ВРЖАЛСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Kантавторoт од Кочани Ненад Вржалски ја промовираше рок-блуз песната „Душо моја“, која е стара 15 години и првично е напишана за театарска претстава на Марјан Неќак во Битола.

​„Оваа песна ја носам со себе повеќе од 15 години. Првично ја пеев во Битола, во една театарска претстава и оттогаш едноставно остана со мене. Луѓето кои ме слушале на моите настапи често ме прашуваа за неа. Таа е песна за загуба, за човечки грешки, но, пред сè, таа е доказ дека секој од нас, без разлика на падовите, може да љуби искрено“, вели Вржалски.

Песната била ​подготвена за објавување уште минатата година, но Вржалски ја одложил промоцијата поради пожарот во Кочани на 16 март, во кој загинаа 63 луѓе.

​„Имавме подготвен спот и сè беше спремно за промоција уште минатата пролет, но тогаш во Кочани се случија оние страшни трагедии. Не беше време за музика, не беше време за славење. Чувствував дека како човек и како уметник морам да покажам почит кон болката на моите сограѓани. Затоа решивме да почекаме, бидејќи музиката треба да дојде во вистинскиот момент, за да може навистина да допре до луѓето“, вели Вржалски.

За видеото за песната, кое ги прикажува карактеристичните предели на Кочанско Поле, музичарот вели дека ја заокружува целата приказна за минливоста и надежта. Видеопродукцијата на спотот е на Матеј Милев.

​„Сакав спотот да биде едноставен, а, сепак, моќен. Тие кадри од патот кон полињата, од чадот од запалените стрништа, тоа е сликата на нашето поднебје. Тој оган симболично ги претставува и внатрешните борби за кои пеам. Горд сум што бев гостин на хуманитарниот концерт на Тамара Тодевска посветен на жртвите од Кочани лани во мај со моја авторска песна. Луѓето позитивно реагираа и конечно се охрабрив да влезам во студио и да ја снимам оваа верзија со мој сопствен аранжман“, додава Вржалски.

​Тој им порача на луѓето да почнат повеќе да ја слушаат македонската музика.

„Не велам дека треба да се слуша сè што е домашно по секоја цена, бидете строги критичари, оценете дали нешто вреди или не. Но, дајте ѝ шанса на авторската песна. Мојата најголема надеж е дека ‘Душо моја’ ќе успее да залечи барем дел од нечии рани. Музиката е тука за да ни помогне да веруваме дека, на крајот на денот, нештата, сепак, можат да завршат добро“, додава кочанскиот музичар.

М. ЏАРОВСКА