Вечерва (3 април) од 20 часот, во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ гостува Црногорско народно позориште (ЦНП) од Подгорица со претставата „Другата страна“. Таа е авторски проект на Борис Лијешевиќ, а ќе се изведе како дел од петтото издание на театарскиот фестивал .„5ре“.
„Војната помеѓу клановите одзема десетици млади животи. Казина се отвораат во поранешни библиотеки и културни центри, обложувалници покрај гимнастички сали. Дрогите како состојка од книгата со рецепти на баба. Човечкиот живот вреди само онолку колку што може да се наплати. Човек во канџите на мафиите, шефовите, дилерите, лихварите. Тие стануваат авторитети, модели на улоги и посакувани личности“, стои во најавата на претставата.
Лијешевиќ ја доби наградата за режија на престижното Стеријино позорје во Нови Сад лани, а актерот Александар Радуловиќ за машка ролја.
Истата претстава утре ќе се изведе во Скопје во Македонскиот народен театар.
П. ПЕЧКОВ
Фото: Црногорско народно позориште