БАЛКАНОТ Е ЛИК ВО МОИТЕ ДРАМИ ОТИ СЕКОГАШ ИМА КРИЗА И КОНФЛИКТ, ВЕЛИ ДЕЈАН ДУКОВСКИ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Секое време е добро за создавање театар, ако има кој да го слушне, рече драматургот Дејан Дуковски, кој беше во фокусот на разговорот на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје. Настанот беше дел од  60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој ќе се одржи во јуни.

Проф. д-р Ана Стојаноска, директорка на Фестивалот, рече дека Дуковски оставил длабока трага не само на домашната, туку и на европската театарска сцена. Според неа, иако често се смета дека фамозниот тренд на постмодерната драма, познат како „театар на крв, сперма и пот“, започнал во Велика Британија со Сара Кејн, неговите корени можат да се препознаат и во делата на Дуковски, кои произлегуваат токму од Скопје.

Дуковски зборуваше за своите студентски денови на ФДУ, каде што учел во класата на Горан Стефановски. Според него, токму менторството и креативниот фидбек што ги добивал од Стефановски биле клучни за неговиот развој.

„Не постои рецепт како се станува драмски автор, но ФДУ имаше огромна улога во тоа“, кажа Дуковски.

Говорејќи за своето творештво, Дуковски нагласи дека Балканот често се појавува како „лик“ во неговите драми.

„Драмата е жанр кој се занимава со криза и конфликт, а Балканот отсекогаш е такво место“, рече тој, додавајќи дека токму тоа било инспирација за неговите најпознати дела, меѓу кои и „ Буре барут“.

На разговорот беше отворена и темата за состојбата на современата македонска драма. Стојаноска оцени дека денес се создаваат малку нови автори и приказни, а соработката помеѓу театрите и драмските писатели е ослабена. Дуковски се согласи дека продукцијата на нови текстови е проблем и повика на поголема отвореност од страна на институциите, како и на посилна улога на образовните установи во промоцијата на младите автори.

На крајот, тој им упати порака на студентите: „Најважно е да не се откажувате. Пишувањето бара многу работа“.

Неговата нова драма „Црно злато“ ќе биде поставена во Македонскиот народен театар во режија на Слободан Унковски.

(Фото: С. Гегај)