Хитови на „Продиџи“ и „Рамштајн“ ќе можат да се слушнат во сосема ново издание на концертот што битолскиот оркестар „Дива“ ќе го одржи во Младинскиот културен центар во Скопје на 13 мај од 20:30 часот. Овој проект на еден од најактивните македонски музички колективи е насловен „Индустриска симфонија“.
„‘Индустриска симфонија‘ е долгоочекуваниот алтернативен проект на оркестарот ‘Дива‘, енергично, моќно и целосно поинакво музичко доживување, што ќе ја раздвижи публиката од првиот до последниот такт. На програмата се песни од ‘Продиџи‘, ‘Рамштајн‘, ‘Кемикал брадрс‘ и други бендови, во изведба каква што ретко се гледа и уште поретко се осмелува некој да ја постави на сцена. Ова се композиции што многу кавер бендови ги избегнуваат поради нивните ритмичка сложеност, специфична енергија и препознатлив електронски звук“, најави оркестарот.
(Фото: Фејсбук)