СО ЕКО АКТИВНОСТИ, ВО СКОПЈЕ СЕ ПРОСЛАВИ ДЕНОТ НА КРАЛОТ НА ХОЛАНДИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Градскиот парк во Скопје денеска (27 април) беше обоен во портокалово во чест на Денот на кралот на Холандија, со настан што ги поврзува холандската празнична традиција, велосипедската култура и еколошките навики. На просторот околу Холандскиот лавиринт и ридот спроти „Школка“ се одржаа креативни и еко активности, во организација на „Биди зелен“ и Амбасадата на Холандија.

(Фото: К. Попов)

Посетителите донесоа книги, спортска опрема и други лични предмети, кои ги заменија со други.

„Идејата е предметите да добијат нов живот, наместо да завршат во отпад, а посетителите преку едноставна размена да учествуваат во поодржлив начин на потрошувачка”, рекоа организаторите.

Дел од програмата беше и натпревар за накитени велосипеди, на кој ученици од скопските средни училишта  учествуваа со велосипеди украсени на теми што ги поврзуваат Македонија и Холандија. Декорациите беа изработени од рециклирани материјали.

(Фото: К. Попов)

Се садеа и цвеќиња како заедничка акција за разубавување и озеленување на просторот.

Портокаловата боја е централниот симбол на холандскиот национален празник. Денот на кралот се одбележува на 27 април, кога е роденденот на кралот Вилем-Александер, а низ Холандија е проследен со улични прослави, пазари, концерти и носење портокалово.

Фото: К. Попов