Тапанарот Гаро Тавитјан презентираше едукативно-музички материјал за македонските ритми на најголемите светски тапанарски платформи, со што седумосминскиот такт и традиционалните ритми за првпат добиваат јавно достапна презентација на глобално ниво.
Станува збор за авторски видеолекции, нотни транскрипции и стручни објаснувања, кои се објавени на платформите „Драмерворлд“, „Зилџијан“, „Драм трејнер“, „Драм дог“, „Оф бит“ и други. Во нив, Тавитјан детално ги објаснува македонските неправилни ритми, со акцент на тактот 7/8, неговите акцентски поделби и практичната примена во современото тапанарство.
„Материјалот вклучува и анализа на традиционалното оро ‘Тешкото‘, како и авторски концепти, преку кои македонските ритми се претставени на разбирлив начин за светската музичка заедница. Посебен акцент е ставен на синкопите и акцентските целости, објаснети преку комбинација од традиционален тапан и модерен сет на тапани. Оваа објава претставува значаен чекор, бидејќи ваков тип на стручна и систематизирана презентација на македонските ритми досега не била достапна на овие влијателни глобални платформи“, вели познатиот музичар.
Тавитјан додава дека македонското музичко наследство добива значајна промоција и можност за изучување од страна на тапанари, музичари и едукатори низ светот.
М. ЏАРОВСКА