Утре (29 април) од 19 часот, во Театарот за деца и младинци во Скопје ќе се одржи премиерата на новата куклена претстава „Златокоса“. Режисерот Драган Довлев, кој е автор на текстот заедно со Горјан Милошевски, на денешната прес-конференција кажа дека театарот има драстично намален буџет. Довлев рече дека иако побарале 597.000 денари за претставата од Министерството за култура, им биле доделени 300.000 денари бруто.
„Наместо скапи механизми и нови сценографии, се свртевме кон сопствениот талент. Користевме делови од стари декори и купивме само две нови завеси. Сакам децата да видат дека овие чичковци и тетки на сцената знаат да направат претстава со духовен раскош, дури и кога материјалниот недостига“, рече Довлев.
Тој направи споредба со други театри, кои за слични проекти добивале и по милион денари и рече дека креативноста не смее да зависи само од парите.
„Ние не се откажавме и покрај оваа, би рекол, ‘милостина’. Ова е претстава за односите што ги градиме со децата, за начинот на кој комуницираме со нив. Претставата е за едно невоспитано девојче кое лесно може да се превоспита. ‘Златокоса’ не е само бајка, таа е искрен одраз на нашето секојдневие“, додаде Довлев.
Во претставата играат Симона Спировска, која е и кореографка, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Владимир Лазовски. Анастасија Ласовска, Изабела Новотни и Драган Довлев се алтернации на ликовите. Сценографијата и дизајнот на куклите се на Кирил Василев, музиката е на Игор Василев од „Новоградска“, костимографка е Љубица Велкова, а куклите ги изработија Кирил Василев и Бранкица Јордановска, која е и дизајнер на плакатот.
„Претставата е за родителите кои се под страшен притисок од околината да им обезбедат сѐ на своите деца, за нашиот однос кон околината и нашите деца во однос на тоа што зборуваме и како се однесуваме. Ми се чини дека оваа претстава допре до сите нас. Настрана најчесто лошиот третман од Министерството за култура кон нашиот театар, убедена сум дека тоа никогаш не нè спречило да создаваме добри претстави и со значење и секогаш да работиме и влегуваме посветено во кој било процес“, рече актерката Симона Спировска.
М. ЏАРОВСКА