На Мајските оперски вечери, во Македонската опера и балет (МОБ) за вечерва во 20 часот се најавени гала балетскиот концерт „Балетски бисери“ и изложбата „Почетоци 1948-1980“ во пресрет на 70-годишнината од основањето на националниот балет.
На концертот ќе диригира Дијан Чобанов од Бугарија, режисер е Дејан Прошев, а ќе се изведат парчиња од балети како: „Рајмонда“, „Оревокршачка“, „Лебедово езеро“, „Заспаната убавица“, „Корсар“, „Клеопатра“, „Дон Кихот“, „Дама со камелии“ и „Самсон и Далила“.
Ќе играат првенците и солистите на Балетот Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Бобан Ковачевски, Марија Кочевска-Шокаровска, Игор Веланоски и Наташа Јосифовска, како и повеќе гости од странство: Тамара Љубичиќ (БиХ), Игор Пастор (Србија), Веса Тонова (Бугарија), Дојчин Дочев (Бугарија), Бојана Жегарац-Кнежевиќ (Србија), Јован Веселиновиќ (Србија), Ирина Чабан-Биланџиќ (Хрватска) и Артјом Жусов (Хрватска).
„На 1 јули 1948 година, со решение на тогашниот директор на Македонскиот народен театар Коле Чашуле и со декрет на Советот за просвета на Народна Република Македонија, се формира македонскиот балетски ансамбл. Истовремено, со обука на првата генерација балетски уметници се одвива сценската активност која резултира со прва балетска претстава, ’Бахчисарајска фонтана’, премиерно прикажана на 30 декември 1949“, велат од МОБ, додавајќи оти изложбата е посветена на првите генерации балетски уметници.