Во организација на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, од 12 до 14 мај ќе се одржи четвртото издание на Фестивалот за современа музика, како промоција на светското и домашното музичко творештво. Програмата содржи три камерни концерти, на кои ќе настапат реномирани странски и домашни уметници.
„Акустичниот простор на Уметничката галерија ‘Безистен‘ на отворањето ќе го облагородат звуците на камерниот состав ‘Трио Академико‘, кој одбележува 15 години концертна активност“, вели главната организаторка на настанот, деканката на Музичката академија во Штип, Златка Митева.
Таа со својата флејта е дел од овој состав, заедно со Бранко Павловски на кларинет и Наташа Трбојевиќ на пијано.
Американските кларинетисти Вилијам Блејни и Пет Такахаши, кои се професори на Универзитетот Мериленд во Балтимор, ќе настапат на 13 мај во придружба на ансамбл кларинети, со кој премиерно ќе изведат нови музички дела.
„На третата концертна вечер, фестивалот традиционално ќе го отстапи својот подиум на младите уметници од Музичката академија под наслов ‘Вечер на млади‘, со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на нивната концертна кариера“, вели Митева.
Трите концерти започнуваат во 19 часот и сите се во Уметничката галерија „Безистен“.
Т. ЈОВАНОВСКИ