Фејсбук во првите три месеци од 2018 година избришал половина милијарда профили кои ги прекршувале неговите стандарди, објави компанијата.
Во својот извештај за првото тримесечје, Фејсбук објави дека презел обемна акција против спем објави и лажни профили, при што биле избришани 837 милиони спемови и биле затворени 583 милиони лажни профили на мрежата. Повеќето од нив биле блокирани во првите три минути од регистрирањето.
Ова значи дека во периодот од 1 јануари до 31 март дневно имало 6,5 милиони обиди за отворање на лажни профили на Фејсбук. Главната алатка во борбата против ваквите профили е вештачката интелигенција, но и таа не е совршена. Фејсбук проценува дека три-четири отсто меѓу неговите 2,2 милијарди корисници се лажни.
Во исто време, биле тргнати 2,5 милиони постови на говор на омраза, 1,9 милиони објави на терористичка пропаганда, 3,4 милиони содржини со експлицитно насилство и 21 милион сексуални и порнографски содржини.
„Ова е само почеток, а не крај на едно патување и ние се обидуваме да бидеме отворени колку што можеме повеќе“, изјави Ричард Ален, потпретседателот на Фејсбук за Европа, Блиски Исток и Африка.