ЧЕТИРИ КНИГИ МАКЕДОНСКА БЕЛЕТРИСТИКА ОТПЕЧАТЕНИ НА БРАЈОВО ПИСМО

Велес, (СМАРТ.СДК.МК)

Здружението на слепи лица од Велес издаде четири книги со Брајово писмо, наменети за лицата со оштетен вид. Промовирани беа „Египетска сонувалка“ од Божин Павловски, „Големата вода“ од Живко Чинго, „Прирачник за самоуништување“ и „Лесни машки“ од Сашко Насев.

Издавањето на книгата на Павловски е финансиски поддржано од годишната програма на Министерството за култура, а на Чинго од Општина Велес, додека останатите две се издадени од сопствени средства на Здружението. Тоа досега има издадено 67 книги на Брајово писмо, а издава и аудиокниги.

(Фото: СМАРТ СДК.МК)

Новите четири книги беа подарени на Градската библиотека во Велес. Со ова, институцијата продолжува да го збогатува фондот достапен за лицата со оштетен вид. Таа располага со простор за книги со Брајово писмо, како потврда за нејзината посветеност кон инклузијата и еднаквиот пристап до литература за сите читатели.

П. ПЕЧКОВ