ВЕЛЕШАНКАТА АДРИЈАНА АРЛЕН ЈА ПРЕРАБОТИ МУЗИЧКАТА ТЕМА ОД ФИЛМОТ „НЕВЕРНА“ СО КЛАВИР И ВИОЛОНЧЕЛО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Велешанката Адријана Арлен, која живее и работи во Малме (Шведска), сними преработка со клавир и виолончело на музичката тема од филмот „Неверна“ на Адријан Лaјн. Спотот е снимен во Велешкиот театар.

„Навистина сум среќна што конечно ја остварив мојата желба и направив емотивен аранжман на една од моите омилени филмски теми“, кажа Арлен.

Таа најави дека наскоро ќе излезе уште еден спот, за авторската музика „Time for Goodbye“, повторно во верзија за пијано и виолончело.

Арлен најавува минитурнејанаесен низ Македонија, на која ќе настапи со клавирски и филмски музички теми.

Таа по потекло е од Велес. Средното музичко училиште и Факултетот за музичка уметност ги завршила во Скопје, во класата на професорката Јасминка Чакар. По дипломирањето работела како професорка во Музичкото училиште во Велес. Потоа замина во Шведска за да магистрира на Музичката академија во Малме и таму остана да живее и работи. Арлен има издадено четири албуми и 15 синглови.

П. ПЕЧКОВ