По пет години пауза, Македонија се враќа на Евровизија, која во 2027 ќе се одржи на Бугарија, кажа новиот директор на МРТ, Зоран Ристоски. Младата поп-пејачка Дара ѝ ја донесе првата победа на Бугарија на Евровизија со песната „Бангаранга“ во Виена.
На јавната седница на Програмскиот совет на МРТ, Ристоски рече дека имал средби со претставници од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) и дека со сигурност може да каже дека Македонија ќе испрати претставник на европскиот музички фестивал во 2027. Тој додаде дека МРТ има поддршка од ЕБУ во промоција на културните вредности на Македонија и очекува МРТ да добие поповолен пакет за враќање на Евровизија.
„Заврши времето на нетранспарентен избор на учесниците на Евровизија, а доказ за тоа е веќе распишаниот јавен оглас за избор на композиција која ќе ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026“, рече Ристоски.
Македонија последен пат настапи на Евровизија во 2022, кога претставник беше Андреа Коевска со песната „Кругови“ (Circles), која беше избрана преку националниот избор. Коевска тогаш не влезе во финалето на Евровизија. Последен финалист од Македонија беше Тамара Тодевска (фото), која во 2019 со песната „Горда“ (Proud) го освои седмото место, што е наш најдобар пласман досега.
(Фото: Т. Хансенс)