Поп-пејачката Драгана Костова од Струмица ја промовираше својата прва авторска песна насловена „Адио“.
Музиката и аранжманот се на Лазар Цветковски, а авторка на текстот е Магдалена Ена Цветковска. За песната е снимен и спот во режија на Стеди Флоу.
Младата пејачка најавува дека активно ќе работи на нови музички проекти и ќе се труди да донесе нешто ново и свежо на македонската музичка сцена.
„Ова е мојата прва авторска песна и навистина сум среќна што конечно ја споделувам со публиката. На проектот работевме долго и со многу посветеност. Се надевам дека песната ќе им се допадне на луѓето и дека ќе ја пеат заедно со мене“, вели пејачката.
Таа е втора година на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот за пијано.