Во Ликовниот салон во Велес отворена е изложба на портрети на Јасмина Котевска од Демир Хисар и Тони Попов од Скопје. Тие се претставуваат со вкупно 60 дела, изработени во техника акрил и пастел, претставени на изложбата „Емотивни пејзажи“.
„Спонтано започнав да сликам, јас не сум уметник, туку историчар на уметност. Почнав да сликам кон крајот на 2025. Поднаслов на изложбата е ‘Никаде толку луѓе како во еден човек’ по стих на Мирослав Антиќ од ‘Бесмртна песна’. Го сликав човекот, човечката душа со неговите емоционални состојби“, кажа Котевска.
Тие двајцата делата ги создале на работилница во Психијатриската болница во Демир Хисар. Попов е самоук сликар.
„Ова ми се мили слики оти излегоа спонтано, после заедничка работилница со Јасмина. Сакате да биде сирова, сакате да биде најприродна што може. И тоа е тоа што го гледате“ , рече Попов.

Изложбата претставува циклус експресионистички портрети и автопортрети создадени како непосреден одговор на внатрешните емоционални состојби на авторите. Наместо класично прикажување на физичкиот лик, делата го истражуваат човекот како психолошки простор – како збир од расположенија, сомнежи, сеќавања и тивки внатрешни разговори.
„Во целина, „Емотивни пејзажи“ го третира портретот како внатрешен пејзаж. Делата не се само претстави на лица, туку состојби – страв, надеж, замор, копнеж и помиреност. Изложбата го отвора прашањето колку идентитети живеат во еден човек и дали уметноста може да биде безбедно место за искреност и ранливост, слично како и пријателството – „да му бидеш огледало на другиот, доволно блиску и доволно искрено за да може да се види себеси“, кажа промоторката Николина Атанасоска.
П. ПЕЧКОВ