НА 3 ЈУНИ ВО СКОПЈЕ СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА „МЕЃУ НАС“ НА ГОРАН КОСТОВСКИ-ИНДОГ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

На 3 јуни во 18 часот Мобилната галерија во Паркот на Франкофонија, ќе се отвори изложбата „Меѓу нас“ на Горан Костовски-Индог.

Ова е негова осма изложба и произлегува од долгогодишното истражување на темата „Славење на животот“, започнато во 2011. Уметникот вели дека во оваа фаза се фокусира на емпатијата, љубовта и колективната грижа како двигатели на подобра иднина.
„Преку илустрации, платна и графики создадени во последниве години, изложбата ја истражува емоционалната состојба на човекот и неговата поврзаност со природата и заедницата. Цветот како централен мотив се појавува како симбол на раст, ранливост и трансформација, носејќи состојби на љубов, тага, радост и надеж“, вели Костовски-Индог.

Костовски – Индог е илустратор, дизајнер, уличен уметник, диџеј и активист. Во својата практика ги спојува визуелната уметност, музиката и активизмот, соработувајќи со бројни организации, компании и уметници.