АНА ПЕТАНОВСКА СО МАКЕДОНСКА ВЕРЗИЈА НА ПЕСНАТА „БАЛАДА ЗА АНГЕЛОТ“, КОЈА Е ПОСВЕТЕНА НА ТОШЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ана Петановска сними македонска верзија на песната „Балада за ангелот“, која во 2024 ја испеа на фестивалот „Белградска пролет“. Песната му е посветена на Тоше Проески, а белградската публика ѝ даде голем аплауз по настапот.

Песната во оригинал е напишана на српски јазик, со музика на еден од најпознатите македонски композитори, Григор Копров. Тој вели дека инспирацијата за песната ја пронашол во коментар оставен под спот на Тоше, каде пишувало: „Кога сум тажна, тука си, кога сум среќна, тука си“.

„Оваа реченица ми стана темел за рефренот и почеток на приказната која подоцна прерасна во песна. ‘Балада за aнгелот’ носи силна порака. Публиката во Белград веднаш ја почувствува искреноста на песната, а позитивните реакции продолжија и по фестивалската вечер“, вели Копров.

Автор на оригиналниот српски текст е Душан Бачиќ, а текстот на македонската верзија е на Ана Петановска. Аранжманот го направи нејзиниот брат, гитаритот и продуцент Стефан Петановски.

Следниот настап Петановска ќе го има на фестивалот „Бисер на Јадранот“ на 18 јули во Тиват, каде што ќе настапи во дует со Наташа Михајловиќ, поранешната членка на групата „Фрајле“, со песната „Под нозете“ (Под ногама) од авторите Копров (музика), Бачиќ (текст) и Петановски (аранжман).

Ана Петановска и Дадо Топиќ победија на фестивалот во Тиват лани со песната „Небо“. Григор Копров ја напиша музиката за песната „Небо“, текстот е на Дадо Топиќ, а аранжманот е на Стефан Петановски.

М. ЏАРОВСКА