Популарната македонска група „Суперхикс“, која слави 35 години постоење, ќе го спои овој јубилеј со 25 години на фестивалот „Битола отворен град“, на кој ќе настапи на 26 јуни од 20:30 часот на Широк Сокак. Дел до концертот ќе бидат и битолскиот бенд „Ерапшн“ и новосадскиот бенд „Осми дан“.
Концертот е дел од богатата четиридневна програма на фестивалот „Битола отворен град“, во организација на Младинскиот културен центра од Битола, кој започна со изложба на минијатури на битолчанецот Тони Соколов-Солза, кој живее во Австралија.
„Мотото е ‘Некои градови имаат фестивал, а Битола отворен град има град’, што значи град како сцена, улици како културна институција и музика како причина луѓето да се сретнат“, рече Ирена Турекчиева од МКЦ.
Програмата ги обединува музиката, визуелната уметност, едукацијата и општествениот дијалог. На повеќе локации низ градот ќе можат да се проследат „Вечер со пријателите“ и настапот на Пијан Славеј и Добрила Грашеска, диџеј работилница со Херзел, работилницата „Парите зборуваат – Финансиска писменост за новата генерација“, концертот на словенечкиот бенд „Леле“, концертот „Трипл диџеј атак“ со музичари од Грција, Србија и Македонија и друго.

Фестивалот завршува на 27 јуни со берза на винили, диџеј сетови и концерт во Скејт паркот на бендовите „Параноид“, „Д Пот“ и „Синфул глер“.
„Во досегашните изданија сме реализирале стотини настани, со огромен број уметници од целиот свет. Овој урбан фестивал ја потврдува градскоста на фестивалот, бидејќи Битола е град со долга и голема културна традиција, но има премалку урбани настани и без некој да се навреди, царуваат шундот, кичот и слично. Токму ваквите настани се можност да го потврдиме она што Битола значи како традиција, град расадник на уметници кои творат урбана култура“, рече Сашо Додовски од МКЦ Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА