Вечерва (28 јули) во 20:30 часот во Сули ан, во рамките на Скопско лето ќе биде претставен проектот „Скопје 63/63“, спој на поезија и фотографија, посветена на 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година.
Поетската антологија, подготвена од проф. д-р Иван Џепароски, обединува избрани творби од македонски и странски автори посветени на Скопје и неговата меморија. Проектот е надополнет со фотографиите на Сашо Алушевски, кои сведочат за архитектонското наследство што го преживеало земјотресот.
Фотографската изложба опфаќа триесетина фотографии и претставува лична авторска интерпретација на Скопје како простор во кој минатото и сегашноста постојано се преплетуваат. Низ фотографиите се отвораат асоцијации за времето, сеќавањата, насобраните конотации и симболите што со децении се таложеле околу градот и неговите објекти.
„Посебно место во изложбата имаат фотографии кои се изработени со посебна техника така што под дејство на сончевата светлина со текот на времето постепено ќе исчезнат како метафора за Скопје кое полека го менува својот лик. На тој начин, изложбата не е само навраќање кон сеќавањето на земјотресот од 1963 година, туку и размислување за современото Скопје, неговите трансформации и постепеното исчезнување на делови од неговиот препознатлив урбан идентитет“, се вели во најавата за изложбата.
На малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во 20:30 часот премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Вонземјани“ во продукција на Здружението МАНА во копродукција со МНТ. Режијата е на Васил Михаил.