Американскиот диџеј и продуцент Стив Аоки бесплатно ќе настапи во Битола на 2 август, на стадионот „Петар Милошевски“, објави „Авалон“.
Настапот на Аоки е дел од одбележувањето на 35 години независност на Македонија.
„Бидејќи завршната манифестација е на 8 септември, одлучивме прославата да започне токму на нашиот најголем историски празник Илинден, со еден од апсолутно најактуелните диџеи на денешницата, познат ширум планетата по своите енергични и спектакуларни шоуа. Затоа, влезот за настапот на Стив Аоки ќе биде бесплатен“, велат од „Авалон“.
Пред него, ќе настапат македонските диџеи Сирилик, Тасев, Монарх и Фејс.
На 8 септември, главна музичка ѕвезда на прославата за 35 години независност на Македонија ќе биде славниот француски диџеј и продуцент Дејвид Гета, во организација на Владата и „Авалон“, а сите 50.000 влезници на Градскиот стадион беа целосно распродадени за помалку од 12 часа по симболична цена од 35 денари.
Славниот шпански тенор Хосе Карерас и некои од најпознатите македонски музичари ќе настапат на плоштадот Македонија во Скопје на 1 септември во рамките на одбележувањето на 35 години независност.