ОХРИД ФЕСТ ГИ СЛЕДИ СВЕТСКИТЕ ТРЕНДОВИ, НО НЕ ГИ КОПИРА, ВЕЛИ МУЗИЧАРОТ ДАВОР ЈОРДАНОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Интернационалната поп вечер на 33. издание на фестивалот Охрид Фест Охридски трубадури ќе донесе современ звук, музичари од повеќе балкански земји и продукции со светски стандарди, вели музичарот, композитор и продуцент Давор Јордановски. Тој е уметнички директор на Интернационалната вечер на фестивалот која ќе се одржи на 27 август на сцената на Долни Сарај.

Според него, концептот останува насочен кон спојување на различни музички култури и современи продукциски пристапи, без фестивалот да го загуби својот препознатлив идентитет.

„Настојувавме да избереме композиции кои звучат модерно, конкурентно и радио-прифатливо, но истовремено носат свој препознатлив идентитет. Светските трендови ги следиме внимателно, но не ги копираме. Целта е тие да бидат инспирација, а не шаблон“, вели Јордановски.

Тој додава дека на Интернационалната вечер ќе настапат претставници од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, додавајќи дека фестивалот останува важна регионална музичка платформа што ги поврзува авторите и изведувачите и отвора можности за нови соработки и промоција на македонската музика надвор од земјава.

Јордановски вели дека годинава пристигнале голем број квалитетни композиции, а особен впечаток оставил фактот што дел од авторите користеле алатки базирани на вештачка интелигенција како дел од креативниот процес.

„Верувам дека и на публиката ќе ѝ биде интересно да се обиде да препознае кои песни се создадени со поддршка на оваа технологија, иако на крајот најважни остануваат квалитетот, емоцијата и авторската креативност што ги носи секоја композиција“, вели тој.

За годинашното издание најавува и продукциски напредок, со современа сценографија, подобрен аудио-визуелен концепт, и ЛЕД екрани.

„Денес не е доволно песната само добро да звучи. Таа мора и визуелно да ја раскаже својата приказна. Верувам дека публиката ќе види модерно и атрактивно издание кое ќе покаже дека Охрид Фест’успешно ги следи современите продукциски стандарди“, додава Јордановски.

Тој очекува дел од песните да продолжат да живеат и по фестивалот и да имаат потенцијал за регионален, па и поширок меѓународен успех.