Гости од целиот регион дојдоа на концертот на Здравко Чолиќ вчера (1 август) во Битола, на стадионот „Петар Милошевски“.
Битола личеше на популарно туристичко место во ек на сезоната. Сите ресторани и кафулиња на Широк сокак беа полни, а во повеќето локали се слушаше музика од Здравко Чолиќ и гости од повеќе генерации кои зборуваа на македонски и српско-хрватски јазик. Хотелите и апартманите во Битола и во околината беа полни, а дел од фановите на Чолиќ кои не најдоа сместување таму, спиеја во Ресен или Охрид.
„Добровечер Битола. Долго не сме биле овде, многу години. Затоа вечерва ќе свириме малку подолго, ќе морате малку да нѐ истрпите. Ако можете да издржите, останете до крајот“, рече Чолиќ низ насмевка.
Феноменот на најголемата регионална поп ѕвезда чија кариера трае од 1967 година е во неколку едноставни нешта: гласот, шармот, песните кои ги сакаат и родителите и децата, искреноста со публиката и силата да пее три часа и повеќе на секој концерт. Интересно е што Чола не крати на репертоарот на концертите како што поминуваат годините, тој на секој концерт додава по некоја нова песна.

„Браво Битола мој роден крај. Јас те сакам, за тебе пеам“, ѝ рече Чолиќ на публиката рецитирајќи ја познатата народна песна, а дел од публиката ја запеа.
За познатата балада „Прегрни ме“ („Загрли ме“), потсети дека ја напишал легендарниот Арсен Дедиќ и кажа дека тој многу ја сакал Битола.
„Арсен ја сакаше Битола, тоа не смее да се заборави. Битола е културен град, секогаш тоа го повторуваше“, рече Чолиќ на симпатичен македонски јазик во еден дел.

Дотерани битолчанки од повеќе генерации уживаа во концертот на нивниот миленик и среќни напуштајќи го стадионот коментираа: „Мајстор е, алал да му е“. Мајките беа дојдени со ќерките, вљубените танцуваа на баладите, а на Чола му се восхитуваа и машки друштва кои наздравуваа на неговите хитови.
Ретко кој го може тоа што го направи Здравко, да ги обедини регионот и генерациите со неговите песни. Концертот го организираше „Авалон“.
М. ЏАРОВСКА