ГРЧКА ВЕЧЕР НА ОХРИДСКО ЛЕТО СО ПИЈАНИСТКАТА НТОКУ И ВИОЛОНЧЕЛИСТОТ ПОЛИДОРИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Грчката пијанистка Теодосија Нтоку и италијанскиот виолончелист Масимо Полидори вечерва (6 август) ќе настапат на традиционалната Грчка вечер во рамките на Охридско лето, која се реализира со поддршка на Амбасадата на Грција. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот.

Нтоку е една од најистакнатите грчки пијанистки на својата генерација, а „Би-Би-Си мјузик“ ја опишува како уметница со драматични квалитети, емотивна суптилност и возбудлива интерпретација.

Нејзин концертен партнер е Масимо Полидори, долгогодишен водач на групата виолончела во прочуениот оркестар на миланската опера „Ла Скала“. Тој има богата солистичка и камерна кариера и настапувал на престижни светски сцени, меѓу кои и „Карнеги Хол“.

На програмата се дела од Сергеј Рахманинов, Антонин Дворжак, Петар Илич Чајковски, Астор Пјацола, Габриел Форе и Едвард Елгар.