НОРВЕШКИ АРХИТЕКТИ ИЗГРАДИЈА ВИКЕНДИЧКА ОД 18 ЦЕЛИ СМРЕКИ СО ПОГЛЕД НА АТЛАНТСКИОТ ОКЕАН

Норвешка, (Дезен)

Норвешкото архитектонско студио „Хелен и Хард“ ја заврши дрвената „Кабина Санде“ на карпестиот атлантски брег во Рандаберг, Норвешка. Објектот од 112 квадратни метри е изграден на местото на викендичка од 1970-тите, а поради строгите правила за заштита на пределот морал да ги задржи нејзините димензии и висина.

Највпечатлив дел од кабината се 18 столбови направени од цели смреки, ископани заедно со корењата. Потоа биле дигитално скенирани и роботски обработени за да се изработат потребните споеви, притоа задржувајќи ја природната форма на дрвјата.

Објектот од 112 квадратни метри е изграден на местото на викендичка од 1970-тите (Фото: Дезен)

Столбовите се разгрануваат кон таванот како крошни, а делови од нив се претвораат во полици, клупи, скали, прегради, рамки за прозорци, врати и елементи од кујната и каминот.

„Сакавме да го доловиме чувството како да стоите под крошните на дрвјата“, велат од „Хелен и Хард“.

(Фото: Дезен)

Кабината е свртена кон Атлантскиот Океан, а во главната дневна просторија има панорамски прозорец широк 9,5 метри, без столбови што би го прекинувале погледот кон морето. Длабокиот покрив ја штити стаклената фасада од суровите временски услови на атлантскиот брег.

Студиото „Хелен и Хард“ е основано во Ставангер во 1996 година од Сив Хелене Стангеланд и Рајнхард Кропф и е познато по проекти во кои главна улога има дрвото.