Четворица долгогодишни пријатели и музичари: Џијан Емин на клавијатури, Георги Шарески на гитара, Оливер Јосифовски на контрабас и Александар Петров на тапани, вечерва (22 август) од 21 часот ќе настапат во „Јавна соба“ во Скопје со авторскиот проект „Џез екстраваганца“.
На 26 август, истиот состав ќе настапи во клубот „Џез ин“ во Охрид од 22 часот.
Музичарите се познаваат речиси 25 години, а концертот е замислен како спој на авторска музика и импровизација, при што композициите се почетна точка, а нивниот понатамошен тек се создава на сцената.
„Не се плашиме од грешката, повеќе се плашиме од совршено отсвирена музика во која ништо не се случило“, вели Емин.
Според Шарески, долгогодишното пријателство и меѓусебната доверба им овозможуваат слободно да експериментираат на сцената.
„Добро се познаваме и со тоа можеме да си дозволиме да ризикуваме. Токму таа слобода, доверба и синхронизација го прават секое наше свирење поинакво“, вели Шарески.
Емин најавува дека публиката ќе слушне музика која ќе се создава во моментот и ќе биде единствена за оваа концертна вечер.