Стилистот Октај Сејди ќе ја претставува Македонија на меѓународниот избор за машка убавина „Мистер Интернационал 2026“, чие финале ќе се одржи на 26 септември во Тајланд. Сејди е директно избран од Шакир Села од агенцијата „Даман“, којa ја поседува лиценцата за изборите за Мистер и Мис Македонија, како и за Мистер и Мис Турција.
„Избран сум директно од Шакир Села, кој е единствениот лиценциран организатор за изборите за Мистер и Мис Македонија. На 11 септември заминуваме за Тајланд и ќе почнеме со подготовките за претставувањето на ‘Мистер Интернационал’. Се надевам дека ќе се вратиме со успех. Македонија заслужува да биде видена и за неа да се слушне што подалеку во светот“, ни рече Сејди.
Организаторите велат дека ќе учествуваат 50 претставници од целиот свет. Финалето е во Бангкок, а годинава изборот одбележува и 20 години од основањето.
Октај Сејди е познат фризер и стилист. Соработува со повеќе познати личности, меѓу кои Каролина Гочева. Со фризерството почнал да се занимава на 14-годишна возраст, а на 20 години отворил свој салон.
Сејди вели дека учеството на „Мистер Интернационал“ за него е нов предизвик во светот на убавината, овојпат во улога на претставник на Македонија на меѓународната сцена.
Гласањето е отворено на официјалната платформа на „Мистер Интернационал 2026“. Победникот според гласовите на публиката обезбедува пласман во топ-20 и директно место меѓу шесте финалисти.
М. ЏАРОВСКА