ТАМАРА ТОДЕВСКА ГО ПОМЕСТИ КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ ОД 3 ОКТОМВРИ ЗА 7 ДЕКЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тамара Тодевска ќе го одржи солистичкиот концерт во „Т арената“ во Скопје на 7 декември, наместо на претходно најавениот датум 3 октомври.

„Имаме нов датум за концертот. Му се посветивме на албумот и немавме многу време за подготовки за концертот“, рече Тамара на промоцијата на новиот албум „Кукла жива“, која се одржа на 3 септември во Скопје.

На концертот, со кој таа одбележува 25 години музичка кариера, ќе ја придружува оркестар предводен од Џијан Емин, кој ги направи аранжманите и продукцијата на новиот албум.

„Кукла жива“ содржи десет песни, кои заедно ги напишаа Тодевска и Коста Петров. Албумот е снимен со инструменти во живо, со голем оркестар и хорот „Про Арс“, а за сите десет песни се снимени видеоспотови во режија на Мартин Трајановски.

„Овој албум ги дава одговорите на сите прашања што сте ми ги поставиле низ годините, а можеби и на оние што никогаш не сте се осмелиле да ги поставите“, рече Тодевска на промоцијата. Таа кажа и дека создавањето на албумот ѝ помогнало да сфати дека нејзиното чувство и интуиција не биле погрешни.

На албумот се песните „Кукла жива“, „Драма квин“, „Хорор“, „До крајот на светот“, „Гориш“, „Карма“, „Не поминува“, „Брана“, „Дива“ и „Силна“. Песната „Брана“ е посветена на нејзината мајка Брана Тодевска, која се појавува во спотот, како и ќерката Хана.

Концертот е во организација на „Мјузик ритуалс“, а билетите се продаваат преку мрежата на wayin.mk.

Фото: К. Попов