МАУРИЦИО КАТЕЛАН, АВТОРОТ НА БАНАНАТА ЗАЛЕПЕНА СО СЕЛОТЕЈП, ОТВОРИ ИЗЛОЖБА ВО БЕРЛИН

Берлин, (Гардијан)

Италијанскиот уметник Маурицио Кателан, познат по провокативните дела меѓу кои бананата залепена со селотејп и златниот тоалет, ја отвора својата прва голема самостојна изложба во Германија. Изложбата „Ноќ“ се отвори во Новата национална галерија во Берлин, а за публиката ќе биде достапна до 7 март 2027.

Кателан (65) е еден од најпознатите и најконтроверзни современи уметници, а неговите дела често ги спојуваат хуморот, провокацијата и коментарите за општеството, религијата, моќта и историјата.

Светска слава му донесе „Комичар“ од 2019, дело составено од вистинска банана залепена за ѕид со сребрена леплива лента. Една верзија на делото во 2024 беше продадена на аукција за 6,2 милиони долари, а купувачот подоцна јавно ја изеде бананата.

Светска слава му донесе „Комичар“ од 2019, дело составено од вистинска банана залепена за ѕид со сребрена леплива лента (Фото: М. Кателан)

Кателан е автор и на „Америка“, целосно функционален тоалет направен од 18-каратно злато, кој беше украден во 2019 додека беше изложен во палатата Бленем во Англија.

На изложбата во Берлин ќе бидат претставени дела од различни периоди од неговата кариера, како и нови творби. Меѓу нив е и контроверзното „Тој“ од 2001, скулптура на Адолф Хитлер прикажан на колена во молитва. Посебно за изложбата Кателан создал и нова просторна инсталација за зградата на Новата национална галерија, проектирана од славниот архитект Лудвиг Мис ван дер Рое.

„Мојата работа отсекогаш била сериозна. Проблемот е што луѓето често застануваат кај шегата“, рече Кателан за „Гардијан“.

Изложбата се организира во рамките на Наградата на Националната галерија за 2026, за која Кателан беше избран од меѓународно жири.

 

Фото: „Гардијан“