„ЈАС ГО ИГРАМ РОКИ“, ФИЛМОТ ЗА ПАТОТ НА СИЛВЕСТЕР СТАЛОНЕ ДО СВЕТСКА СЛАВА, СО ПРЕМИЕРА ВО ТОРОНТО

САД, (АП)

Приказната за тоа како тогаш непознатиот и сиромашен актер Силвестер Сталоне успеал да го сними „Роки“, кој го направи светска ѕвезда, е во центарот на новиот биографски филм „Јас го играм Роки“. Филмот ќе има светска премиера на 51. Меѓународен филмски фестивал во Торонто, кој трае до 20 септември.

Младиот Сталоне го игра Ентони Иполито (фото), а режисер е Питер Фарели, кој доби Оскар за „Зелена книга“.

Филмот ја следи вистинската приказна зад создавањето на „Роки“. Во 1975, Сталоне бил актер кој тешко добивал улоги, кога, инспириран од боксерскиот меч помеѓу Мухамед Али и Чак Вепнер, ја напишал приказната за аутсајдерот Роки Балбоа. Студијата биле заинтересирани за сценариото, но Сталоне одбивал да го продаде ако не му дозволат самиот да ја игра главната улога.

Тој ризик на крајот му ја промени кариерата. „Роки“ излезе во 1976 и стана еден од најпознатите спортски филмови во историјата, а освои и три оскари, меѓу кои и за најдобар филм.

Иполито за улогата поминал низ интензивни физички подготовки, а работел и на препознатливите говор, глас и движења на Сталоне. Самиот Сталоне не е директно вклучен во снимањето на филмот, но јавно даде поддршка за проектот.

„Јас го играм Роки“ во ноември ќе почне да се прикажува во кината, во годината кога се одбележуваат 50 години од премиерата на „Роки“.

(Фото: Амазон)