ВО СКОПЈЕ СО КАРАВАН СЕ СЛАВИ СВЕТСКИОТ ДЕН НА СЛЕМОТ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Денеска (26 септември) од 18 часот низ центарот на Скопје ќе има Слем-караван, во чест на Светскиот ден на слемот. Годинава се слават 40 години од постоењето на оваа поетска перформативна форма на изразување, а во земјава се одбележуваат 16 години од постоењето на „Поетски слем Македонија“.

Настанот ќе продолжи во пабот „Ѕе“ од 20 часот, каде што ќе се одржи полуфиналето за претстојното издание на фестивалот. Тројцата најдобри ќе се пласираат директно во финалето на фестивалот.

Шеснаесетото издание на „Поетски слем Македонија“ традиционално ќе се одржи во Прилеп, а годинава ќе трае од 8 до 11 октомври.
Во рамки на фестивалот ќе можат да се видат голем број настани, меѓу кои изложби, поетска монодрама „Лидија или сѐ што знам за жените“, промоции на книги од авторите Елена Пренџова, Катарина Фиаменго, Александра Јуруковска, Сузана Мицевска, Марија Грубор – Вардарска, Ненад Јолдески и Пијан Славеј (Бранислав Николов), во чии рамки ќе се одржи и концерт со „Хот џез оркестра“.
Специјални гости годинава се поетесите Елијане Лусија Леонардо Бутелане и Наташа Сокре од Мозамбик, Африка. Фестивалот ќе се заокрижи со посета на манастирот „Успение на пресвета Богородица“ Трескавец и со вечер посветена на Тихомир Јанчовски.

Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница Прилеп.