Во Велес викендов (26 и 27 септември) во холот на Велешкиот театар се одржува Саем на винили. За првпат во Велес се продаваат грамофонски плочи на организиран начин. Настанот е дел од содржините на 5. издание на Фестивалот на џез, светска и современа музика. На изненадување на јавноста, најголем интерес за плочите покажуваат младите, тинејџерите.

„Идејата е да се комуницира на музички план, да се разменуваат искуства, продаваат плочи за љубителите на музика. Најногу ме израдува што гледам тинејџери, млади лица, матуранти, студенти кои покажаа најголем интерес. Очекував дека ќе биде присутна повозрасната популација. Позитивно сме збунети дека малите буричкаат по овие плочи, ги бараат омилените албуми. Знам дека има многу грамофони во градот и тие не се користат многу, но овој интерес ме демантира“, рече музичарот Сашко Костов, кој е дел од организацијата на фестивалот преку здружението Арт генератор.
Денес (27 септември) во 12 часот на платото пред Спомен костурницата ќе се одржи забава со настапот на диџеј Ненад Стефановски со македонски евергрини и шлагери.
П. ПЕЧКОВ