ПРАТЕТЕ МУ ВАШИ РАЗГОЛЕНИ СЛИКИ НА ФЕЈСБУК ЗА ДА СПРЕЧИТЕ ОБЈАВУВАЊЕ НА ОДМАЗДНИЧКИ ИНТИМНИ ФОТОГРАФИИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Ако сте загрижени дека некој би можел да објави ваши интимни фотографии, Фејсбук има начин да го блокира тоа однапред.

Фејсбук побара од британските корисници да пратат свои разголени фотографии, со цел да се спречи објавување на одмазднички порнографски содржини. Слична технологија веќе се користи за да се спречи ширење слики на злоупотреба на деца.

Фејсбук претходно го тестираше овој систем во Австралија и иако не откри какви резултати биле постигнати, сега ја проширува пробата на Велика Британија и на Северна Америка.

Како функционира овој систем?

Ако постои фотографија за која сте загрижени, се известува сајтот „Ривенџ порн хелплајн“, кој на својот партнер Фејсбук му дава дозвола да ја аплоудира сликата преку посебен линк. Таа ќе биде видена од мала група од пет специјално обучени рецензенти, кои на сликата ќе ѝ дадат уникатен дигитален отпечаток, наречен хешинг. Кодот потоа ќе се складира во база на податоци и ако некој се обиде да ја аплоудира фотографијата, кодот ќе биде препознат и таа ќе биде блокирана пред да се појави на Фејсбук, Инстаграм или Месинџер.

„Ривенџ порн хелплајн“ е отворен во 2015 година и само лани примил повеќе од 1.000 поплаки.