Кантавторот Дарио ја промовираше новата песна „Живот е лото“, за која вели дека е весела и брза, со модерен поп ритам, во медитерански стил и со впечатлив рефрен. Музиката и текстот се на Дарио, а аранжманот е на неговиот долгогодишен сорабптник Кристијан Габроски.
„Ова е весела, брза и оптимистична песна со модерен поп ритам во медитерански манир, со нагласен хитовски рефрен. Иако звучи како лесна за весела атмосфера, текстот носи своја посебна порака, впрочем, како и скоро сите претходни песни. Во него стопроцентно се отсликува непредвидливата животна реалност со секојдневните човечки подеми, падови, желби и превисоки очекувања, притоа заборавајќи на самите себе и на убавината која ја носи едноставноста на животот. Конечно, оптимизмот е тој кој провејува низ целата песна“, вели Дарио.
Во декември 2025, Дарио го промовираше албумот „Ковчег со злато“, со 11 песни снимени во изминатите пет години. Тогаш рече дека го издал албумот од мерак, за да има физичко издание што ќе им го подари на блиските.
М. ЏАРОВСКА