Јубилејното, десетто издание на џез фестивалот „Филип Стевановски“ во Куманово започнува вечерва (13 октомври) во Занаетчискиот дом под мотото „10 години звук, 10 години емоција“. Во трите фестивалски вечери, до 15 октомври, ќе настапат шест музички состави, а влезот за сите концерти е бесплатен.
Фестивалот вечерва го отвораат „Брамха“ и „Нејкед“, утре ќе настапат Пијан Славеј и „Мемфис Мафија“, а последната вечер настапауваат „Дијатик“ и „Мак Брас“. Сите концерти започнуваат во 20 часот.
Фестивалот го носи името на музичарот Филип Стевановски, кој загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025. Тој беше пијанист, тромбонист, композитор, музички продуцент и член на придружниот бенд на „ДНК“. Имаше магистрирано џез студии, беше уметнички директор на Кумановскиот џез фестивал и директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.
Неговиот татко, проф. д-р Маријан Стевановски, е директор на фестивалот, а сестра му, м-р Кристина Стевановска-Маневска, е организациска директорка. Тие велат дека преку музиката го чуваат споменот на Филип и ја продолжуваат неговата посветеност на џезот.
Годинашното издание има и хуманитарен карактер, под мотото „Музика за Филип, поддршка за Кочани“. Собраните средства ќе бидат донирани на семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Организатор е Институтот за наука, уметност, култура и спорт (ИНУКС).