ДИМИТАР АНДОНОВСКИ СЕ ВРАЌА НА СЦЕНАТА СО НОВАТА ПЕСНА „ГУБАМ КОНТРОЛА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Димитар Андоновски, по подолга пауза од активни настапи, се враќа на соло кариерата со новата песна „Губам контрола“, за која сними и видеоспот.

Музиката и аранжманот се на Андоновски, текстот го напиша Магдалена Цветкоска-Ена, а режијата и продукцијата на спотот се на Јани Патче од Битола. Во спотот глуми неговата сопруга Христина (фото).

Во изминатите години, Андоновски беше посветен на компонирање, аранжирање и продукција за други пејачи, како и на пишување музика за театарски претстави во Македонија и Србија, за што добиваше и награди.

 

„Сакав да создадам песна што буди добро расположение, лесно влегува во уво и шири позитива. Мило ми е што со ‘Губам контрола’ повторно ја споделувам мојата музика со публиката. Наскоро ќе биде достапна и мојата официјална страница, каде што на едно место ќе бидат собрани сите мои песни, видеа, соработки и настапи, како и проектите поврзани со мојата работа како музички продуцент и автор на поп, театарска и филмска музика“, вели Андоновски.

 

Андоновски е роден во Битола, а музичката кариера ја започна уште како дете, со настап на фестивалот „Си-До“ во 1994 година. Беше дел од музичкиот проект „М2“, настапуваше на Макфест, а во 2014 беше придружен вокал на Тијана Дапчевиќ на Евровизија. Публиката го памети и по соработката со групата „Тајфата“.