Игор Џамбазов со „Гуру Харе бенд“, Ѓоко Танески и Александар Тарабунов се дел од музичарите кои ќе настапат на првото издание на Винскиот фестивал „Македонско село“, кој ќе се одржи од 16 до 18 октомври во комплексот „Македонско село“ на Водно.
„Фестивалот ќе обедини македонски винарии, гастрономска понуда и тридневна музичка програма со домашни музичари“, велат организаторите.
На 16 октомври програмата започнува во 16 часот со диџеј Бранчез, по што ќе настапат Нино Величковски и неговите тамбураши, Благица Павловска и Игор Џамбазов. Следниот ден програмата започнува напладне со диџеј Ерик Фокс, па следуваат тамбурашкиот состав „Ѓезме“, Александар Тарабунов, Александар Јосифовски и Дамјан Стојаноски.

На 18 октомври ќе настапат групата „Коштана“, Смиља Митревска, Огнен Здравковски, Ѓоко Танески и диџеј Галоски.
Фестивалот се одржува под мотото „Вкуси ја Македонија во чаша“, а посетителите ќе можат да дегустираат вина од македонски винарии. Влезницата чини 1.000 денари и вклучува фестивалска чаша и неограничена дегустација на вината од учесниците. Предвидени се и посебни гастрономски зони со сирење, слатки, кафе и скара.
За време на трите фестивалски дена ќе има организиран автобуски превоз до комплексот, со поаѓања на секои 30 минути од паркингот кај СЦ „Борис Трајковски“ и од Цветен пазар. Организаторите најавуваат и активности за деца, како и викенд-пакети со сместување, појадок, фестивалски влезници и дегустација на вина.
„Драго ми е што за првпат ќе пеам на ваков фестивал, особено е симпатично што моето име се римува со вино“, рече пејачот Нино Величковски на вчерашната прес-конференција во Скопје.
М. ЏАРОВСКА