ТРИ КОНЦЕРТИ СО ВКУПНО 20 МУЗИЧАРИ НА ОТВОРАЊЕТО НА 45. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со настапот на десетчлениот состав на легендарниот словенечки музичар Златко Каучич (фото), вечерва (15 октомври) во 20 часот започнува 45. издание на Скопскиот џез фестивал. Четирите вечери носат 11 концерти со музичари од 13 држави од Европа, Северна Америка и Африка.

Сите концерти ќе се одржат во Националната опера и балет.

Каучич, кој е перкусионист и тапанар, во Скопје ќе го претстави својот проект „Храброста на храбрите“, каде што е композитор, уметнички директор и диригент. Во ансамблот членуваат негови поранешни студенти и гости од Италија.

Од 22 часот е концертот на октетот на Леонард Скорупа, чиј дел се и двајца македонски музичари, Бојан Талевски на виола и Ѓорѓи Петрушевски на обоа. Австрискиот тенор-саксофонист и кларинетист го основал октетот „Квиспел“ во 2024, со кој ќе изведе ново дело, компонирано специјално за 45. СЏФ.

Првиот полноќен концерт на малата сцена во НОБ е резервиран за италијанскиот вибрафонист Пасквале Мира и американскиот тапанар Хамид Дрејк. Нивните настапи во живо се целосно перкусионистички, но изненадувачки и непредвидливо мелодични, создавајќи разговор помеѓу два различни типа перкусија.