ДЕНЕВ И БИНОШ ЌЕ ГЛУМАТ МАЈКА И ЌЕРКА ВО НОВИОТ ФИЛМ НА ЈАПОНЕЦОТ КОРЕ-ЕДА

Париз, (АФП)

Катрин Денев ќе ја игра главната улога во „Вистината за Катрин”, следниот филм на јапонскиот режисер Хироказу Коре-Еда, кој минатата недела ја доби Златната палма во Кан за филмот „Крадци“.

Како што објавија продукциските куќи „38 продукции“ и „Банбуку“, овој филм, кој сѐ уште е под работен наслов, ќе ги спои Денев и Жулиет Бинош со американскиот актер Итан Хоук.

Денев ќе глуми филмска икона обожувана од мажи, која истовремено снима научно-фантастичен филм и ги објавува своите мемоари. Книгата ќе придонесе за обединување со нејзината ќерка, која ќе ја игра Бинош.

Овој филм уште сега се споредува со „Булевар на самракот“ од Били Вајлдер, со тоа што се занимава со „митовите и вистината на една глумица“.

Двете легендарни француски глумици Денев и Бинош беа во Македонија во 2012, односно 2014 година, како ѕвезди на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола и се добитнички на специјалната Златна камера 300 за особен придонес во филмската уметност.