ЛИНА НАСТЕВСКА И ДРАГАН НИКОЛОВ СЕ ПЛАСИРАА ВО ФИНАЛЕТО НА „ТОП МОДЕЛ ЕВРОПА“ ВО БЕЛГРАД

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Младите модели Лина Настевска и Драган Николов обезбедија пласман во финалето на меѓународниот натпревар „Топ модел Европа“, кое ќе се одржи на 6 декември во Белград. Тие ги освоија гласовите на публиката на балканското полуфинале, кое се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.

Организаторка на настанот беше модната креаторка Душица Шалева, која работи во Париз и е директорка на „Топ модел Европа“. На модната вечер беа претставени седум колекции со различни стилови и авторски пристапи.

„Платформата има за цел да открива и промовира нови лица, да ја поттикнува самодовербата и да им овозможи на младите модели да ги покажат своите способности, да стекнат искуство и да направат чекор кон европската и меѓународната модна сцена. Притоа, поврзува таленти, култури и креативни визии од различни земји“, рече Шалева.

На настанот беше претставен и модниот бренд „Are U Kul“ на Фросина Кулакова.

Свои колекции претставија и Стефанија Насеска, Евгенија Зафировска, Тим Понграц, Александар Префо Рашковиќ, Акикас и Чани Марија. Се одржа и „Асфиксија-перформативна изложба“ на сликарот Драган Божино.