Популарната божиќна романтична комедија „Одмор“, со Камерон Дијаз, Кејт Винслет, Џуд Ло и Џек Блек, повторно ќе се прикажува во кината од 11 декември, по повод 20 години од премиерата. Компанијата „Сони пикчрс“ најави специјални проекции на филмот, кој првпат беше прикажан во декември 2006 година.
Филмот, во режија на Ненси Мајерс, ја раскажува приказната за две жени, Аманда од Лос Анџелес и Ајрис од Англија, кои по љубовни разочарувања одлучуваат да ги заменат своите домови за време на божиќните празници. Аманда заминува во снежното англиско село, додека Ајрис престојува во луксузна куќа во Калифорнија. На двете патувањето неочекувано им носи нова љубов.
„Одмор“ заработи повеќе од 200 милиони долари во светските кина и со текот на годините стана еден од најпопуларните божиќни романтични филмови.
Во меѓувреме, „Епл ТВ“ развива и нова мини-серија инспирирана од филмот, со нови ликови и слична приказна за две жени од Велика Британија и САД кои ги заменуваат домовите за Божиќ и пронаоѓаат љубов.