НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ И РАБОТИЛНИЦИ ЗА ОРИГАМИ И ЈАПОНСКИ ЧАЈ ВО СКОПЈЕ И БИТОЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Амбасадата на Јапонија, Кинотеката и Центарот за култура во Битола ќе го одбележат Денот на културата на Јапонија со Недела на јапонски филм и работилници за оригами и јапонски чај. Влезот за сите настани е бесплатен.

На 4 ноември во 19 часот, јапонскиот амбасадор Кавахара во Кинотеката во Скопје ќе го отвори 19. издание на Неделата на јапонски филм, на која ќе бидат прикажани современи јапонски филмови. Два од филмовите ќе бидат прикажани на 11 ноември во Центарот за култура во Битола, каде што ќе се одржи и работилница за оригами со предавачот по јапонски јазик Јошио Којама.

На 13 ноември, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, Јапонската фондација од Будимпешта ќе организира предавање и работилница за јапонскиот чај сенча со специјалистката Курита Јунко.

Денот на културата во Јапонија е национален празник посветен на мирот, слободата, уметноста и науката. Секоја година се одбележува со бројни културни настани и доделување признанија.