Со кулинарски работилници, дегустации на италијански производи и настан посветен на културата на кафето, од денеска (16 ноември) до 26 ноември во Скопје ќе се одржи 11. Недела на италијанската кујна во светот. Манифестацијата ја организираат Амбасадата на Италија и Италијанската агенција за трговија (ИТА) во Скопје.
Годинашното издание е посветено на италијанската кујна како нематеријално културно наследство на УНЕСКО, со акцент на регионалните специјалитети, традиционалните рецепти и локалните производи.
Програмата започнува во кулинарското училиште „Ф&Ј“ со мастерклас за современа ломбардиска кујна, што ќе го води готвачот Фарук Незири. Настанот е наменет за професионални готвачи, кои ќе имаат можност да се запознаат со современите техники на подготовка на јадења од италијанскиот регион Ломбардија.
На 17 ноември, Незири ќе одржи работилница за учениците и професорите во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ во Скопје.
На 21 ноември, во супермаркетот „Веро“ во Тафталиџе ќе се одржи презентација и дегустација на италијански прехранбени производи, а програмата ќе заврши на 26 ноември со мастеркласот „Приказни за Италија“ во „Кофи фактори“ на улица Македонија. Настанот ќе биде посветен на италијанската култура на пиење кафе, различните мешавини и традициите поврзани со овој пијалак.