Во Велешкиот театар, вечерва (17 ноември) од 20 часот премиерно ќе се изведе претставата „Вљубениот Шекспир“, дипломска претстава на режисерката Бојана Василковска. Претставата е работена според текст на Марк Норман и Том Стопард, во превод на Сашо Димоски и Катерина Момева. Режисерката ја најавува како романтична комедија и очекува добар прием и голема гледаност кај публиката.
„Заедно со актерите се обидовме да создадеме бајка. Приказната е за младиот Вил или Вилијам Шекспир, кој не е претставен како големиот гениј каков што е познат во јавноста, туку како млад човек кој се бори, страда, љуби и создава уметност. Она што најмногу ме привлече во овој текст е пораката што ја носи за театарот: дека тој има моќ да нè спои. Се надевам дека со актерите создадовме такво заедништво“, изјави Василковска, велешанка, која дипломирала на ФДУ, во класата на проф. Зоја Бузалковска.
Василковска додаде дека е голема обожавателка на романтични комедии на филмското платно и дека досега не се сретнала со таков жанр во театарот. Токму затоа, поставувањето на ваква претстава на театарската сцена било предизвик за неа.
Во претставата играат Филип Христовски, Катерина Јовановиќ, Исидор Јовановски, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Зорица Панчиќ, Фаик Мефаиловски, Кире Ацевски и Мартин Мазнев. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимите на Катерина Чукниева, а фризурата и шминката на Мартина Чукниева.
П. ПЕЧКОВ