Денеска (19 ноември) во 20 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се отвори изложбата „Бетон, меморија и поп-икони“ на сараевскиот уметник Амер Хаџиќ.
„Преку препознатлив визуелен израз, Хаџиќ создава необичен дијалог помеѓу урбаната меланхолија, колективната меморија и иконите на современата поп-култура. Неговите дела спојуваат сурови бетонски текстури, напуштени градски пејзажи и традиционална архитектура со ликови и симболи од поп-културата, отворајќи простор за хумор, иронија и суптилна општествена критика“, велат од МКЦ.
Хаџиќ е роден во Сараево во 1987. Дипломирал и магистрирал графика на Академијата за ликовни уметности во Сараево. Зад себе има бројни самостојни и групни изложби, меѓународни уметнички проекти и учества на симпозиуми и колонии во Европа, Азија и Америка.
Изложбата ќе трае до 27 ноември.