СРЕДНОШКОЛСКИОТ СОН НИ СТАНА РЕАЛНОСТ, СВИРИМЕ НА ИСТА СЦЕНА СО МИШЕЛ КАМИЛО, РЕЧЕ ЏИЈАН ЕМИН НА ОДЛИЧНИОТ КОНЦЕРТ НА НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Кога бевме средношколци, со другарите, ученици во ‘Илија Николовски-Луј’, се обидувавме да ја свириме музиката на Мишел Камило од овој албум, што звучеше како што звучеше. Кој знае какви вектори сме испратиле во вселената, кога денес на иста сцена свириме со него“, рече диригентот и композитор Џијан Емин на синоќешниот (18 ноември) концерт на Националниот џез оркестар со доминиканскиот пијанист и композитор.

Камило настапи со своите долгогодишни музички соработници: Рики Родригез од Порторико на контрабас и Марк Вокер од Чикаго на тапани.

Фото: СДК.МК

Камило е еден од најистакнатите пијанисти и композитори на светската џез-сцена, добитник на Греми, Еми и на три Латино Греми награди.

Со своите препознатлив латино-џез израз и енергичен настап, Камило ја воодушеви скопската публика. Во опуштена и срдечна атмосфера, тој не ја криеше благодарноста за заедничкото музицирање со Националниот џез оркестар, повеќепати упатувајќи им благодарност и пофалби на музичарите.

„Воодушевени сме што сме овде вечерва. Првпат сум во Скопје, вторпат во Македонија. Ви благодарам многу. Вечерва е многу посебна прилика. Ова е проект што го сакам, да ја свирам мојата музика со прекрасен оркестар, Националниот џез оркестар на Македонија. Концептот на оваа музика започна од моите аранжмани за трио. Имам околу 30 објавени албуми. И оттаму се роди идејата да оркестрирам некои од песните што секогаш ги свирев со моето трио“, рече Камило во Скопје.