АЛБУМИТЕ „МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ 2“ И „ИЗВОР“ НА КАРОЛИНА ЌЕ БИДАТ ОБЈАВЕНИ НА ПЛОЧА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Албумите на Каролина Гочева, „Македонско девојче 2“ и „Извор“, ќе добијат винилни изданија во февруари 2027. Станува збор за ограничен тираж, а преднарачките почнаа денеска (20 ноември), со можност албумите да се набават поединечно или во пакет.

Изданијата ќе бидат изработени на винил во боја, а се нарачуваат преку „Дурис шоп“.

„Македонско девојче 2“, објавен во 2014, е продолжение на успешниот музички проект „Македонско девојче“ од 2008 година. Со овие албуми, Каролина се насочи кон современи обработки и интерпретации на македонската традиционална музика, во соработка со композиторот и продуцент Никола Мицевски.

Албумот „Извор“ од 2018 година го продолжи овој музички правец со авторски композиции инспирирани од македонскиот мелос. И на ова издание Каролина соработуваше со Никола Мицевски.